Историја

Историјата на фудбалот во Кочани започна во далечната 1924 година кога во Кочани е донесена и првата фудбалска топка и формиран првиот фудбалски клуб.

Првата фудбалска топка во Кочани ја донел Томе Ванѓелов во 1924 год. (тогашен претседател на општината Кочани), а веднаш потоа бил формиран и првиот фудбалски клуб “Султан Тепе“. Името неколкупати било менувано.ФК Витез, Хајдук за на крај да го добие името Осогово.

За фудбалот во Кочани зборуваат старите кочанци: “Игравме фудбал и пред 1924 година и тоа на улица со топка направена од партали. Минувачите подзастануваа гледајќи како ние младите трчане по еден округол предмет кој потскокнуваше пред нашите нозе и со повремено кревање на рацете на половината од “играчите“ ќе викневме: гоол. Минувачите со чудење не гледаа, некој од нив дури и ќе се прекрстеше гледајќи ги младите, испотени до гола кожа.

Оттогаш фудбалот во Кочани почнал да се игра поорганизирано, со соседните градови, со кожена топка, со обележено игралиште, дресови, судија итн.
За развојот на фудбалот во Кочани многу ќе придонесе изградбата на железничката пруга и првиот дојден воз во Кочани на 1,7, 1926 година.

Најголемиот успех што го постигнала младинската екипа на Осогово е 1958 г. на Младинското фудбалско првенство на Македонија. И како победник екипата на Осогово учествуваше во првенството на Југославија за млади. Првенството на Југославија тогаш се одржа во две групи: едната играше во Шибеник и ја предводеше Црвена Звезда од Белград, а втората играше во Белград предводена од Партизан од Белград. Во оваа група покрај Партизан играа уште младите екипи на праволигашот од Загреб Динамо, прволигашот од Титоград Будуќност и младите на некое си Осогово од Кочани, член на Штипската подсојузна лига.


Овде фудбалерите на Осогово се претставиле во две различни изданија. Поради ненавремено известување од ФСМ за почетокот на натпреварите, управата на клубот не можела да резервира карти за кушет или коли за спиење, па младинците на Осогово целиот пат од Скопје до Белград го поминале стоејќи.
Непроспиетната ноќ во возот, претпладневното одење низ Белград барајќи го местото каде требало да бидат сместени предизвикало замор кај младинците на Осогово. Во дуелот со големиот Партизан, Осогово изгубило со 13:0.

Вториот ден Осогово се сретнал со Динамо од Загреб, и тогаш веќе одморените младинци заиграле како што знаат, и големиот противник бил победен со 3:1. За треттиот меч со Будуќност, на Осогово му одговарал и нерешен резултат па тренерот така и ја поставил играта. Натпреварот завршил 0:0, со што Осогово завршил втор во групата, оставајќи ги зад себе праволигашите Динамо (Загреб) и Будуќност (Титоград).

Подоцна Осогово влегува во Македонската лига каде покажува значајни резултати. Во 1988/89 година настапува во Меѓурепубличката лига. Натпреварувачката 1991 / 1992 г. Осогово се натпреварува во третата сојузна лига и завршува на 9-то место.

Во првата натпреварувачка сезона во самостојна Република Македонија, Осогово е во средишниот дел од табелата. Понатаму следуваа слаби резултат, па во првенството 1995/1996 г. Осогово ја напушта првата македонска лига.

Најголем успех на кочанскиот младински фудбал по осамостојувањето на Македонија е во 1996 г. кога Осогово во Скопје ја победува Саса со 2:0, со што го освојува Младинскиот куп на Македонија.

Потоа следуваат лоши игри, клубски превирања, промени на стручни штабови, недисциплина, препукувања меѓу спортските работници и како разултат на сето ова, Осогово полека но сигурно тоне. Ја напушта првата лига, а кратко време потоа и втората лига. 2004/2005 година Осогово се најде во најнизок ранг од републичко натпреварување. По испаѓањето од Втората Македонска лига, замре фудбалскиот интерес во градот.

Вреди да се истакне дека првиот меѓународен првенствен натпревар по осамостојувањето на Македонија и по нејзиниот прием во УЕФА и ФИФА, се одигра токму во Кочани на 7.9. 1994 година. Тогаш Македонија ја совлада Данска 5:3.

Денес Осогово ги консулидира своите редови. Има млад, искусен стручен штаб, докажан тренер, И што е најважно млади, талентирани играчи од кои се очекува во иднина со континуирани подготовки да го понесат товарот на екипата и да го вратат Осогово во највисокиот ранг на натпреварувања. Кочани, како фудбалски град и кочанчани како талентирани спортисти го заслужуваат тоа.